Во среда и четврток, 16-17 јуни 2021 година, Муфтијата на Муфтиството во Скопје, д-р Ќенан еф. Исмаили го пречека претседателот на Дијанетот д-р Али Ербаш по неговата посета на Ријасетот и претседателот на ИВЗ, Реисул Улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, при што посети неколку џамии и разни верски и културни објекти во Скопје.
На почетокот беше посетена Мустафа пашината џамија, каде што по презентација на историјата на оваа џамија, Муфтијата на Муфтиството во Скопје д-р Ќенан еф. Исмаили му ја подари својата новоиздадена книга „Џамијата, симбол на Скопје“ – дело во кое се наведени информации за Скопје како град и за неколку џамии кои биле изградени во различни периоди и им служеле на скопјани, а кои од разни причини се разрушени.
По клањање на икинди намаз се сретнаа со верските службеници од Република Турција кои се на привремена должност во различни делови на земјата, главно во Источна Македонија.
Потоа, Муфтијата на Муфтиството во Скопје д-р Ќенан еф. Исмаили заедно со претседателот на ИВЗ, Реисул Улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и претседателот на Дијанетот проф. д-р Али Ербаш, заедно со соодветните делегации, заминаа во скопската чаршија, каде ги посетија античките исламски културни објекти што датираат од периодот на Отоманската империја: Мустафа пашината џамија, Араста џамија, Куршумли ан, Турбето на Јигит Паша, Сули ан, Мурат пашината џамија, Капан ан и Камениот мост. Потоа, во вечерните часови, д-р Али Ербаш, Реисул Улема х. Шаќир еф. Фетаи, Муфтијата на Муфтиството во Скопје д-р Ќенан еф. Исмаили, генералниот секретар х. Ирсал еф. Јакупи, и г-дин Низам Решит, раководител на Секторот за односи со Република Турција, заедно присуствуваа на вечерата организирана во нивна чест од амбасадорот на Република Турција во нашата земја, неговата екселенција Хасан Мехмет Секизокок, во неговата резиденција во населбата Водно.
Следниот ден, поточно на 17 јуни, претседателот на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, Реисул Улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи во придружба на Муфтијата на Муфтиството во Скопје д-р Ќенан еф. Исмаили и градоначалникот на Чаир, г-дин Висар Ганиу, го пречекаа претседателот на Дијанетот на Турција проф. д-р Али Ербаш во џамијата во Топаана.
Последните посети во Скопје се реализираа во Медресата Иса Бег – паралелка за момчиња во село Кондово и Факултетот за исламски науки.