Денес, 30 јули 2020 година, Муфтијата на Скопје д-р Ќенан еф. Исмаили и директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје, г. Абдусамед Шабани на прес-конференција ги извести граѓаните дека годинава во сите општини во Скопје, во периодот од 30.07 – 01.08.2020 година, ЈП Комунална хигиена – Скопје ќе постави специјални контејнери со зафатнина од 5м3 во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад од курбаните. Со цел да ги промовираме универзалните вредности на исламската религија и да покажеме висока граѓанска свест во грижата за нашето опкружување, се погриживме да направиме сериозна организација. Имајќи го предвид искуството од минатата година, со посебно внимание ќе ја следиме работата и на терен преку нашите вработени и благодарение на професионалната работа на ЈП Комунална хигиена како и на други општински претпријатија, со надеж дека оваа акција ќе биде успешно завршена “- рече Муфтијата д-р Ќенан еф. Исмаили
„Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на вирусот Ковид – 19, неконтролираното одложување на органски отпад може да предизвика многу последици по животната средина и здравјето на граѓаните. Минатата година ЈП Комунална хигиена-Скопје, за прв пат постави специјални контејнери каде верниците го одложуваа органскиот отпад за време на празникот „Курбан Бајрам„ и ние бевме многу задоволни од резултатите од оваа акција, со што значително се намали одложувањето на органскиот отпад на јавни површини.“- рече меѓу другото г-динот Абдусамед Шабани.